• Зоран Мишевски

Поранешниот менаџер на Борусија Дортмунд, ПСЖ и Челзи, Томас Тухел, би можел да ја преземе германската фудбалска репрезентација доколку актуелниот селектор Ханси Флик реши да се повлече од оваа функција, пренесуваат германските медиуми. 57-годишниот Флик е мета на критики за елиминацијата на Германија по групната фаза на Светското првенство во Катар.
Германските медиуми пренесуваат дека Флик размислува за повлекување од селекторската функција, откако директорот Оливер Бирхоф поднесе оставка по неуспехот на репрезентацијата во Катар.
49-годишниот Тухел моментално е без ангажман, а „Кикер“ наведува дека е најсериозен кандидат за селектор на Германија, доколку Флик поднесе оставка. Германските медиуми пишуваат дека Бирхоф на местото директор на здружението треба да го замени Ралф Рангник.
Пред Челзи, Тухел ги тренираше Пари Сен Жермен, Борусија Дортмунд, Мајнц, Аугсбург и младинските екипи на Штутгарт.