ВИДЕО: Тухел го сруши сонот на Пеп, Челзи е нов првак на Европа!

Екипата на Челзи е нов освојувач на Лигата на шампионите! Во големото англиско финале во елитата, лондонскиот гигант по третпат во низа го совлада Сити (0-1), но овој пат за историска вечер и големо славје на синиот дел од Лондон. Томас Тухел повторно го надмудри потрофејниот и поискусниот Пеп Гвардиола и го одведе својот тим до нов голем успех, а интересно е тоа што Челзи вторпат е шампион на Европа со тренер кој во тимот дојде среде сезона. Германскиот стратег на „Стемфорд Бриџ“ дојде на полусезона, како замена на клупската легенда Френк Лампард.

  • Извештај од натпреварот:

Иако последните информации беа дека еден од најдобрите фудбалери на Сити оваа сезона, Илкај Гундоган нема да биде подготвен за настап од првата минута, сепак германскиот репрезентативец се најде во почетниот тим на Пеп Гвардиола. Шпанскиот стратег со супер-офанзивен состав тргна во битката за престижниот трофеј, затоа што на изненадување на фановите во почетните единаесетмина немаше место ниту за Фернандињо, ниту за Родри. Така, можеби за првпат оваа сезона Сити на терен истрча со дури пет офанзивци (Марез, Де Брујне, Стерлинг, Фоден и Бернардо) и со Гундоган како единствен во средината на теренот.

На спротивната страна, Тухел направи само една замена во однос на очекуваниот состав. На клупата за резерви остана Кристенсен, а шанса од првата минута доби младиот бек Рис Џејмс. Очекувано, нападот на „сините“ го сочинуваа Хаверц, Вернер и Маунт, додека средината им припадна на незаменливите Жоржињо и Канте.

Составот на Сити можеби делуваше моќен и офанзивен, но само на хартија, затоа што Челзи ги собра аплаузите и симпатиите во првиот дел и одигра неверојатни 45 минути. На полувреме се замина со позитива на „сините“ од 1-0, но да имаа малку повеќе среќа, а и Вернер да беше поконцентриран, сигурно Сити ќе беше во многу поголеми проблеми и ќе требаше да брка повисока негатива.

Уште по само три минути игра Маунт ја имаше воведната закана во финалето, а веднаш потоа, на спротивната страна возврати Стерлинг. Првата вистинска шанса на „Драгао“ му припадна на „малерозниот“ Вернер, кој од чиста позиција ја промаши цела топка и одново се посрамоти. Но, тоа не беше сè од „репертоарот“ на германскиот репрезентативец. Во 14. минута пак пропушти колосална шанса и биеше млако, додека 60 секунди подоцна од полулево ја стресе противничката мрежа, но од надворешниот дел.

Почетната офанзива на лондончани како да ги замисли Пеп и „граѓаните“ кои можеби ја имаа топката во свој посед, но дефинитивно не можеа да го следат темпото на избраниците на Тухел. Челзи играше трпеливо и тактични добро организирано, а наградата за тоа пристигна во самиот финиш, откако Маунт „магично“ го проигра Хаверц, а овој прво го помина Едерсон, а потоа ја стресе празната мрежа на Сити. Така, Челзи на пауза замина со минимална предност, но и без искусниот Тиаго Силва, кој поради повреда предвреме го заврши финалето. 

Вториот дел на „Драгао“ започна со целосна иницијатива на новиот англиски шампион. Челзи свесно се повлече на својата половина и чекаше на нова „дупка“ во противничката одбрана, а во периодот кога Сити доминираше и беше блиску до израмнување, следуваше нов шок за Пеп Гвардиола. По еден судир со Рудигер, капитенот Кевин Де Брујне се здоби со незгодна повреда на главата и со солзи на очите се пресели на клупата за резерви.

По повредата на својот најдобар фудбалер, шпанскиот стратег мораше да го активира планот „Б“ и ја промени формацијата. На местото на Де Брујне влезе класичниот напаѓач Габриел Хесус, а „жртва“ на оваа замена беше Бернардо Силва, кој беше заменет со искусниот дефанзивен играч за врска, Фернандињо.

Тактичката промена донесе свежина во офанзивата на Сити, па Челзи беше силно притиснат на својата половина и доколку не беше искусниот Аспилукуета да интервенира во вистински моменти, Стерлинг во 68. минута ќе погодеше за израмнување на 1-1.

Но, отворената игра на тимот од Манчестер можеше многу лесно да донесе нов гол на Челзи. Трпеливоста на „сините“ повторно дојде до израз, откако во 73. минута по една пеколна контра Хаверц го проигра нововлезениот Пулишиќ, кој го надмудри Едерсон, но не ја погоди целта. Во самиот финиш Сити се обиде и со Агуеро во нападот, но дефанзивата на Челзи беше брилијантна и не дозволи посериозна гостинска закана, па така Тухел го сруши сонот на Гвардиола повторно да триумфира во Лигата на шампионите.