• Горан Упале

Томас Тухел и официјално го презеде кормилото на Баерн Минхен, а веќе успеа да ги налути своите поранешни работодавци во Челзи.
Стручњакот кој го наследи Јулијан Нагелсман на клупата на германскиот шампион беше малку невнимателен на прес-конференцијата кога зборуваше за идните соработници. На новинарите им откри дека сака во својот стручен тим да го ангажира Ентони Бери, кој моментално е во стручниот штаб на Челзи.
„Мојот тим на соработници не беше подготвен за ова, па морам да им се заблагодарам и на нивните семејства за нивната флексибилност. Арно Михелс и Џолт Лоу, кои работеа со мене десет години, повторно ќе бидат со мене. Се надевам и Ентони Бери, кој моментално е во Челзи“, изјави Тухел.
Клубот од Лондон сега се бори да го задржи Бери, а извештаите од „Стемфорд Бриџ“ велат дека се многу лути на Тухел што излезе со таква изјава во јавност.
Бери наводно е подготвен да ја прифати поканата на новиот шеф на Баерн. Тој дојде во Челзи кога на клупата беше Френк Лампард, но имаше и многу добра соработка со Тухел. Тој остана и во стручниот тим, кој сега го предводи Грем Потер, а работеше и со Роберто Мартинез, кога беше на кормилото на Белгија.