• Саше Љолес
Тренерот на Јувентус, Игор Тудор, имаше што да им порача на своите фудбалери после ремито со Виљареал (2-2) во Лигата на шампионите.
Хрватскиот стратег беше лут од наивно примениот гол во 90. минута, кој го остави Јуве без важна победа во елитата, а по мечот не го криеше своето незадоволство.
„Знаевме против кого играме и знаевме дека се незгодни на домашен терен. Дадов јасни инструкции на паузата меѓу полувремињата и успеавме да се вратиме во игра. Направивме пресврт, но на крајот дозволивме да ги загубиме бодовите поради невнимание, и тоа сосема наивно - по нафрлување од корнер.
Очигледно е дека ни е потребно повеќе искуство за вакви мечеви. Тука нема простор за грешки, зашто може да немате време за поправен испит. Се надевам дека ќе ја извлечеме поуката од овие ситуации“, рече Тудор.
Јувентус остана без триумф на гостувањето во Шпанија и сега има вкупно два бода од два одиграни натпревари во Лигата на шампионите. Во следното коло ќе има тешко гостување кај најтрофејниот европски клуб, Реал Мадрид.











