ТСЦ „извиси“ за Регба и Тодороски, па влета во трката за Станковски со Партизан

Единствениот српски клуб кој се избори за пласман во плеј-офот на европските натпреварувања ТСЦ Бачка Топола оваа зима се поврзува со неколку фудбалери кои доаѓаат или биле дел од мак-фудбалот.

Досега тимот од северот на Србија „извиси“ за доведување на Андреј Тодороски од Спартак за кој понуди 300.000 евра и проценти, но тимот од Суботица одби. Исто така ТСЦ го барал и Али Регба од Работнички за кој нуделе само 50.000 евра, а тој заврши во Марибор за 150.000. Сега трето име на листата желби е Лука Станковски кој играше на солидно ниво во Раднички од Крагујевац. 

Според информациите на српскиот „Mozzartsport.com“, ТСЦ е тимот кој му е конкуренција на Партизан за потписот со поранешниот младински репрезентативец на Македонија. Раднички го купи Станковски за само 30.000 евра, меѓутоа очекува да заработи барем половина милион евра. 

ТСЦ е подготвен и има полн буџет, може да ги задоволи барањата на Раднички, а прашање е дали сака и ќе го направи тоа. Од друга страна Партизан ги нема потребните средства и треба да биде креативен во борбата за потпис со Македонецот. 

Останува да видиме дали Лука Станковски ќе промени клуб и каде би се преселил, но едно е сигурно - тој во моментов е најбараниот фудбалер во српската Суперлига.