Трумчи: Добрата атмосфера по дерби-победата да не води до славје со Хибернијан

Шкендија по поразот од 2-1 на гостувањето кај Хибернијан на реваншот ќе брка пласман во плеј-офот за Конференциската лига на УЕФА на домашен терен, но во Скопје. 

На денешната прес-конференција освен тренерот Артим Положани своите очекувања ги изнесе и Александар Трумчи.

„Атмосферата во тимот е позитивна. Природно по дербито со Вардар енергијата во тимот е поинаква. Успеавме да доминираме и да победиме, па поради тоа сме во добар моментум пред реваншот против Хибернијан. Нашата цел е да победиме и да се квалификуваме во следната рунда. Одигравме добро во Шкотска, а уште малку среќа ќе ни донесеше позитивен резултат. Се надеваме дека на реваншот ќе бидеме подобри пред противничкиот гол и ќе успееме да го добиеме двомечот. 

Мислам дека Хибернијан е квалитетен тим, има неверојатен квалитет во тимот. Видовме дека победија викендот против голем ривал во Шкотска. Сепак, ние се фокусираме на нашиот натпревар и добро сме подготвени. Ги анализиравме грешките, но и добрите моменти во Шкотска. За нас, целта е да излеземе на терен и да дадеме максимум за позитивен резултат“, изјави Трумчи.

Тетовци в четврток во терминот од 20:00 часот ќе го дочекаат шкотскиот ривал на нашиот најголем стадион во главниот град на Македонија.