Трпевски е иднината на Црвена Звезда: Има сè што се бара од модерна „десетка“!

Црвена Звезда на подготовките пред новата сезона под водство на Дејан Станковиќ го има Матеј Гаштаров кој постигна гол на првиот тест во Златибор, но и уште еден голем талент од македонската фудбалска генерација. Тоа е Лука Трпевски, за кого српските медиуми имаат пофални зборови.

16-годишниот Трпевски се смета за еден од најголемите македонски таленти, настапува во средниот ред и е дел од пионерската екипа на „црвено-белите“. Тој воедно е најмладиот македонски фудбалер кој добил професионален договор со овој српски клуб. Нашиот фудбалер е на подготовките, чека официјално деби за првиот тим, но и покрај тоа што нема играно за сениорите, веќе собира пофалби. 

„Тој е исклучително непредвидлив талентиран Македонец. Има дриблинг, има преглед на играта, има способност да го диктира темпото на игра. Сè што се бара од модерна десетка - го има. Го препознаа тоа на „Маракана“, па неодамна беше прогласен за најдобар играч на својата генерација.“, пишува „Меридиан Спорт“ за Трпевски.

Првите фудбалски чекори Лука Трпевски ги направи во Вардар, а во Црвена Звезда дојде од школата на Македонија Ѓорче Петров. Трпевски играше за младинската У15 репрезентација на Шведска, но доби повик од Македонија и го прифати, па е дел од У17-тимот.