• Горан Упале
Тројца фудбалери на Јувентус беа многу незадоволни од тактиката што ја подготви Масимилијано Алегри за натпреварот против Севиља.
Имено, Јувентус по продолженијата доживеа елиминација во полуфиналето на Лига Европа и остана без можност да се бори за трофејот во ова натпреварување. Првиот натпревар во Торино заврши 1-1, па беше јасно дека одлуката за патникот во финалето ќе се решава во Шпанија. А, таму херој беше Ерик Ламела, кој погоди во продолженијата.
Италијанските медиуми објавија дека тројца фудбалери биле многу незадоволни од тактиката што ја постави Алегри за овој натпревар. Станува збор за Хуан Квадрадо, Анхел ди Марија, и Федерико Киеза, кои се шокирани од елиминацијата од Лига Европа.
Квадрадо дури и се пожали на тактиката на првиот натпревар, бидејќи сметаше дека Јувентус морал повеќе да притиска на половината на Севиља, но тренерот не им го дозволи тоа. На триото му пречеше и дефанзивниот пристап на реваншот во Шпанија, кој на крајот резултираше со елиминација.
Иднината на овие тројца играчи е под знак прашалник откако решија да му се спротивстават на тренерот кој има свој начин на игра. Договорот на Квадрадо истекува ова лето и мали се шансите да остане во тимот, а италијанските медиуми тврдат дека едвај чека да замине. Договорот на Киеза трае до 2025 година, но тој е под знак прашалник, не само поради коментарите кои ги даде, но и поради честите проблеми со повредите.
Останува да видиме што ќе се случува во наредниот период и дали сепак овие играчи ќе останат во клубот.