Тричковски заврши со АЕК Ларнака, но ќе биде директор во клубот?

Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Иван Тричковски нема да го продолжи договорот со АЕК Ларнака, а можно е и да замине во пензија и да влезе во раководните структури на клубот.

37-годишниот Тричковски остави голема трага во кипарскиот клуб каде во изминатите години беше капитен. Тој е сопственик на повеќе рекорди, меѓу нив и најдобар стрелец во историјата на клубот, а беше и дел од најголемите успеси.

Тричковски играше за АЕК Ларнака од 2016 година. Низ кариерата беше дел и од Легија Варшава, Ал-Наср, Беверен, Клуб Бриж, АПОЕЛ, Енозис, Црвена Звезда, Работнички и Вардар.

Македонецот има понуда да остане дел од АЕК Ларнака, но како дел од раководните структури во улога на директор. Се уште не е познато дали тој ќе ја прифати понудата или ќе продолжи со активното играње фудбал.