Тричковски: Среќен сум за јубилејните 200 настапи, но би сакал титула со АЕК

Тричковски

Иван Тричковски неодамна го продолжи договорот со АЕК Ларнака. Поранешниот македонски репрезентативец игра во фантастична форма на почетокот од сезоната.

На дуелот со Паек запиша нов погодок и ја продолжи голгетерската серија која трае шест кола во низа. Последниот натпревар за него има посебно значење, бидејќи му донесе јубилејни 200 настапи во дресот на тимот каде игра од 2016 година.

„Среќен сум што остварив 200 натпревар во дресот на АЕК Ларнака. Се обидувам секој ден да му вратам на клубот за сè што ми даде. Оваа сезона ја започнавме фантастично, се надевам дека ќе имам можност да освојам титула. Тогаш ќе кажам дека сум ја завршил работата тука. Ларнака е мојот втор дом“, вели 34-годишникот.

Тричко има богато интернационално искуство. По Работнички и Вардар, замина во Црвена Звезда, а потоа играше и за АПОЕЛ, Клуб Бриж, Ал-Наср, Легија, за пред пет години да потпише со кипарскиот гигант.