Тричковски по две децении замина во пензија, ќе биде директор на АЕЛ!

Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Иван Тричковски по повеќе од две децении активна кариера ги закачи копачките „на клин“ и замина во пензија од фудбалот.

Тричковски, кој има 38 години, последните години ги мина на Кипар каде остави голема трага во тамошниот фудбал. Последната сезона играше за АЕЛ Лимасол, за кого на 18 натпревари даде седум гола и имаше една асистенција.

Сепак, Тричковски имаше поголема улога во АЕК Ларнака, каде стекна статус на икона и најдобар странец во историјата на клубот. Беше и капитен, најдобар стрелец, еден од играчите со најмногу настапи. За клубот играше од 2016 до 2024 година.

Кариерата Иван Тричковски ја почна во младинскиот тим на Вардар, беше дел од црвено-црните до 2007 година, а потоа замина во Работнички од каде му почна интернационалната кариера. Напаѓачот беше дел од Црвена Звезда (Србија), Клуб Бриж, Беверен (Белгија), Ал-Наср (ОАЕ), Легија Варшава (Полска), Енозис, АПОЕЛ, АЕК Ларнака и АЕЛ Лимасол (Кипар).

Тричковски за репрезентацијата на Македонија одигра 65 меча на кои даде седум гола. Следниот чекор во кариерата на Македонецот ќе биде директорска позиција во редовите на АЕЛ Лимасол.