Тричковски: Многу ќе зависи од нас, тука ја претставуваме цела Македонија!

Селекцијата на Македонија веќе неколку денови е во Букурешт, тренира и го чека дебито на големите собири. Настапот на Европското првенство е голем успех за нашата земја, но амбициите во тимот се на високо ниво и за успех на самиот турнир. 

На денешниот брифинг, зборуваше еден од најискусните играчи во тимот, Иван Тричковски.

„Сезонава на Кипар и головите таму ми даваат мотив плус, како добри припреми за ова натпреварување. Европското првенство носи позитивен притисок, но навикнат сум. Ова е специјално натпреварување, првпат сме тука и ќе дадеме сè од себе. Ова е остварување на сонот, за нас и целата земја. Успехот веќе го направивме, ама сега се надеваме дека ќе го надополниме. Притисокот од мечот со Австрија е огромен, ама имаме и мотивација плус. Иако не одигравме добро со нив во минатото, а тоа ќе нè мотивира. Докажавме дека сме зрели за вакво натпреварување. Сепак, дебитанти сме и очекувањата се измешани. За нас, најважно е дека го познаваме својот квалитет и во наредните денови ќе бидеме целосно спремни.

Можам да кажам дека уживаме во моментите пред Европско првенство. Сепак, чувствуваме и одговорност, знаеме каде сме и што следи. Ова Европско првенство значи многу за нас и цела Македонија. Атмосферата е секогаш на високо ниво. Долго сме заедно и сè функционира перфектно. Многу работи ќе зависат од нас самите. Креиравме и направивме наш претпознатлив стил на игра. Тоа донесе големи резултати, но секој натпревар ќе биде различен. Мали детали ќе одлучуваат за резултатите. Ќе се направи анализа и тактичкиот дел на Европското првенство мора да се одработи перфектно. На вакво ниво, ситниците можат да бидат клучни.

Среќни сме што ја ставивме Македонија на европската фудбалска мапа. Сега сите зборуваат за нас како дебитанти, а сето тоа носи доза на задоволство кај сите нас. Сепак, пак ќе кажам дека носи и огромна доза на одговорност. Ние ја претставуваме цела земја, сите навивачи ширум Европа и светот. Тоа е нешто специјално. Ова е фудбал, сите треба да уживаме. Не е ништо ново, натпревар како натпревар, стилот ни носи резултати и нема да се менува. Ќе дадеме сè од себе, од прва до последна минута во трите, а сакаме и повеќе од три натпревари. Се надевам ќе се претставиме во што е можно подобро светло“, смета Тричко. 

Првиот натпревар за Македонија на овој собир е в недела од 18:00 часот против Австрија, додека в четврток играме со Украина, а потоа се патува за Амстердам за последниот меч со Холандија.