Тричковски избран за фудбалер на сезоната во Кипар 

Во гласањето на тренерите од Првата лига на Кипар, за најдобар фудбалер за оваа сезона е избран македонскиот репрезентативец Иван Тричковски. 

Искусниот офанзивец и покрај честите проблеми со повредите, зад себе ја остави можеби најдобрата сезона во својата кариера. На 39 меча во сите натпреварување за АЕК Ларнака, Тричковски постигна 24 гола, а тој е најзаслужниот за високото место на својот тим во домашниот шампионат (второ место), како и за историското учество во групната фаза на Лигата на Европа. 

Во овие моменти тој е надвор од стројот на својот тим, затоа што има повреда на реброто и е под знак прашалник за настапите на Македонија во квалификациите за Европското првенство против Полска и Австрија. 

Наградата за најдобар фудбалер на кипарското првенство ќе ја добие на церемонијата, која е закажана за в понеделник.