ВИДЕО: Тричко погоди двапати, Мојсов си даде автогол, Чеде загуби од АЕК

Фудбалерите на АЕК Ларнака го добија дуелот против Олимпијакос Никозија со 2-1 (2-0), во рамките на 28. коло на плеј-офот во кипарското првенство. Иван Тричковски одново беше херој на својот тим, бидејќи со два погодоци во првиот дел донесе предност на АЕК. Во вториот дел, Даниел Мојсов си даде автогол, но Олимпијакос на Чеде Јаневски немаше сили да се врати во натпреварот. 

Уште во третата минута од средбата, Тричко стрела од белата точка и АЕК поведе со 1-0 против единствениот тим кој се наоѓа под нив на табелата. АЕК беше подобар, па тоа резултира со нов погодок, овојпат по добро нафрлување на втората статива, каде Тричковски беше осамен и во 26. минута зголеми на 2-0. 

Олимпијакос притисна, тргна да напаѓа и да бара гол, но на него чекаше долго. Во 68. минута, македонскиот интернационалец Даниел Мојсов си даде автогол и ги врати надежите за пулените на Јаневски. Сепак, до крајот на мечот Олимпијакос немаше сили да го загрози АЕК, па тимот од Ларнака победи. 

АЕК има 44 бодови на првенствената табела, десет повеќе од Олимпијакос кој е единствен тим зад нив. Сепак, местата кои водат во квалификациите за евро-куповите се далеку пред нив и амбициите за напад на првите три позиции полека се губат.