ВИДЕО: Тричко и Спировски го „начнаа“ шампионот за голема победа на АЕК Ларнака

Екипата на АЕК Ларнака повторно на македонски погон запиша победа во домашниот шампионат. Откако на отворањето на кипарското првенство, Тричковски беше стрелец во победата над Саламис (1-2), вечерва противничката мрежа ја тресеа и Тричко и Стефан Спировски. 

И тоа против актуелниот шампион и долгогодишен владетел во кипарскиот фудбал, АПОЕЛ. Со вака расположени македонски репрезентативци, АЕК Ларнака не може да не победи, а денес тоа го направи на убедлив начин. Пред својата публика (ограничен број), домашната екипа извојува голема победа на фаворитот, со резултат 3-0 (1-0).

По една одлична тимска акција, Спировски уште во седмата минута го отвори резултатот, додека точка на победата на АЕК стави искусниот македонски голгетер во 72. минута. Стрелец за победничкиот тим беше уште Абрахам, кој по акција на Тричковски и Спировски, со повеќе доза на среќа го измами гостинскиот голман и погоди за 2-0.

Покрај Тричковски и Спировски, за домашниот тим 90 минути одигра и искусниот дефанзивец Мојсов. Со оваа победа АЕК Ларнака се искачи на лидерската позиција на табелата во кипарскиот шампионат.