ВИДЕО: Тричко и Мојсов до бод во Бугарија, Адеми и Динамо се „чекираа“ во плеј-офот

Македонските интернационалци Иван Тричковски и Даниел Мојсов освоија бод со нивната АЕК Ларнака во Лигата на Европа, на гостувањето во Бугарија кај Лудогорец (0-0).

Двата тима одиграа дуел без голови, по ремито во Кипар кое исто така заврши без победник, но со по еден гол на обете страни (1-1). Тричковски имаше две прекрасни шанси за гол, но едниот шут заврши крај стативата, додека вториот со фантастична одбрана го спречи голманот Ренан. Даниел Мојсов остана на клупата на овој меч и не доби минутажа.

Динамо Загреб во чии редови настапува Аријан Адеми обезбеди плеј-оф во Лигата на Европа и на „Максимир“ со 3-1 (2-0), со леснотија ја совлада Спартак Трнава. Головите за хрватскиот тим ги постигнаа Гојак и Орсиќ, додека Кадлец си даде авто-гол. Адеми на теренот мина 90 минути.

Хрватскиот првак е лидер во групата со четири победи по четири кола, додека АЕК Ларнака на Тричко и Мојсов има два бода поради двете ремија со Лудогорец. Шансите за нокаут-фаза за кипарскиот тим се веќе минато.