ВИДЕО: Три пенали и седум гола во Кратово, Силекс во последната секунда слави победа

Во еден од најлудите, најнеизвесни и најдраматични натпревари сезонава во ПМФЛ, Силекс го совлада Работнички со 4-3 (1-0) во Кратово во дуелот од деветтото коло. Во натпревар со три пенали, пресврт и враќања, на крајот домаќинот се радуваше со гол во последните секунди.

  • Извештај од натпреварот: 

Симов го потврди најавениот тим, а Достаниќ му даде шанса на Шаркоски од првата минута. По почетното испитување на силите, во десеттата минута домаќините беа најстрога казна по акцијата на Нешовски, но судијата Мавров не ја прекина играта. Полека се стегаше обрачот пред голот на Јанков, но за првата зрела шанса се чекаше до 26. минута. Карчески центрираше, топката доби необично ефе, го измами Јанков и заврши во пречката. Со многу среќа гостинската одбрана интервенираше. 

Подобрата игра на момците на Симов вроди со плод во 29. минута. Ристов беше евидентно срушен во казнениот простор и главниот судија покажа на белата точка. Ивановски го матира Јанков и кратовчани заслужено поведоа (1-0). Иако се разбудија во самиот финиш на полувремето, дебармаалци на одмор заминаа со заостанок од еден гол. 

Второто полувреме започна со зголемување на домашното водство. По центаршутот од левата страна, ударот на Ѓуриќ, го одбрани голманот Јанков, но топката остана во петерецот, а Ристов ја втурна во мрежата (2-0). Само што тргнаа од центарот гостите се вратија во натпреварот. Милош Тошевски со удар со глава го лобуваше Божиновски и во 53. минута Работнички ја преполови домашната предност. 

Достаниќ ги внесе Петковски и Муарем, Работнички се пресели на противничкото поле, но не креираше зрели шанси за израмнување. Се играше 74. минута кога Ѓурѓевиќ и нововлезениот Чумиќ комбинираа, а српскиот интернационалец ја втурна топката во мрежата крај заспаната домашна одбрана и израмни на 2-2. Следеше пеколен финиш и по уште еден пенал на двете страни. Најнапред Ивановски го совлада Јанков за 3-2, по еден прекршок кој Мавров го окарактеризира како најстрога казна. Потоа, по играта со рака на Гроздановски, главниот судија покажа по третпат на белата точка, овој пат за Работнички. Јевтовски го матира Божиновски и израмни на 3-3.   

Кога сите помислија дека тука е крајот, длабоко во судиското надополнување Силекс постигна гол од гужва преку Бурхан Мустафов и стигна до победа од 4-3. Тимот на Горан Симов запиша победа по повеќе од еден месец, а Работнички вторпат оваа сезона е поразен во ПМФЛ.