Три години од незаборавниот спектакл - како Скопје стана „епицентар“ на фудбалска Европа!

На денешен ден пред три години Македонија го виде најголемиот фудбалски настан во историјата. 2017 година остана запаметена по најгламурозниот и досега најголем фудбалски настан во нашата земја - Суперкупот на УЕФА. Скопје и Македонија покажаа дека знаат како да организираат мега-настани и ја одушевија европската куќа на фудбалот со перфектен дуел на кој му подзавиди цела Европа.

Во битка за трофејот и тактичко надмудрување влегоа Реал Мадрид како освојувач на Лигата на шампионите таа година и Манчестер Јунајтед како освојувач на Лига Европа. Најдобриот светски фудбалер таа година, Кристијано Роналдо, воден од легендата Зинедин Зидан, против Жозе Мурињо кој важи за еден од најдобрите светски тренери и незгодните „ѓаволи“ водени од Пол Погба - фудбалска класика каква што секој би посакал!

Според квалитетот, нашата земја имаше шанса да го гледа можеби најдобриот Суперкуп во историјата, меѓу најтрофејниот европски тим и најтрофејниот колектив од англискиот фудбал. Вкупно 154 титули имаше на едно место, а Реал Мадрид токму во Скопје ја крена својата 87 во историјата во сите натпреварувања.

Долго време Македонија сонуваше за елитен фудбал, а токму Суперкупот беше прилика да се види како е пред очите на љубителите на фудбалот од нашата земја да играат суперѕвезди и да се следи натпревар кој во минатото можеше да се гледа на ТВ-екраните. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Град Скопје, потпомогнати од УЕФА и Владата на Република Македонија организираа дуел за чиста „десетка“, а пофалбите дојдоа и од Александар Чеферин, првиот човек на УЕФА, кој ѝ ја даде довербата на нашата мала земја со големо срце, а потоа потврди дека Суперкупот во Скопје е еден од најдобро организираните во историјата.

Трофејот во беспрекорно организираниот натпревар го крена Реал Мадрид, кој го совлада Манчестер Јунајтед со 2-1 (1-0). Вечно ќе се зборува за головите на Касемиро и Иско на „Филип Втори Арената“, но и промашувањата на Лукаку кои „ѓаволите“ ги чинеа можеби успех. Серхио Рамос како капитен на скопскиот тревник ја крена четвртата Суперкуп-титула за Реал Мадрид и ја заокружи доминацијата на шпанскиот тим во европскиот фудбал за 2017 година. Стадионот беше полн, луѓе од сите краеви на светот дојдоа во Скопје и дознаа нешто повеќе за Македонија.

Она што фрли црна дамка на целиот настан беше алчноста на „домаќините“, кои решија да ги кренат цените до плафон. Хотелиерите и приватните изнајмувачи на станови решија вртоглаво да профитираат, па поради тоа Скопје се најде на насловните страници на светските медиуми, како еден од градовите со највисоки цени. Некои од нив, за да ќарат повеќе, откажуваа резервации пред самиот настан.

Како и да е, големиот Суперкуп на УЕФА, кој беше прв настан од ваков карактер на Балканот, беше показател, како треба и како не треба да се однесуваме, кога наша метропола ќе стане центарот на светот, поради најважната споредна работа.