Три гиганти во борба за две места: Сите комбинации за пласман во ЛШ од Серија А!

Италијанската Серија А е пред самиот крај. Останува уште последното коло, кое ќе ни ги даде последните два патника во Лигата на шампионите. Интер веќе од поодамна е прогласен за шампион, Аталанта е втора, додека Милан, Наполи и Јувентус ќе се борат за преостанатите две места за Лигата на шампионите.

Пред последните 90 минути, третото место го чува Милан, но „росонерите“ ќе ја имаат најтешката задача, бидејќи гостуваат кај разиграната Аталанта. Јувентус патува во Болоња, а Наполи ја пречекува Верона. Сите натпревари започнуваат во 20:45 часот.

Наполи е четврти со идентичен број на бодови како Милан (76), додека Јувентус е петти со 75 бода и е во најнеповолна ситуација. Тоа значи дека доколку Милан победи, без разлика на останатите резултати, ќе игра во Лигата на шампионите. „Росонерите“ и со реми би можеле да патуваат во елитното натпреварување, но во тој случај ќе треба ни Јуве ни Наполи да не победат. 

Наполи, пак, исто како и Милан, сам одлучува за својата судбина. Тоа значи дека со победа ќе се чекира во Лигата на шампионите, а доколку освои само бод или пак загуби од Верона, ќе треба да се надева на неуспех на Јуве или Милан. 

Ситуацијата е сосема спротивна за ланскиот шампион Јувентус. „Старата дама“ мора да слави над Болоња, а во Лигата на шампионите ќе се пласира само со евентуален кикс на Наполи или Милан. На момците на Пирло им одговара и бод, но во тој случај Наполи ќе мора да загуби со дури девет гола разлика од Болоња, а Милан од Аталанта.

Што се однесува до борбата за Лига Европа, сигурен патник е Лацио, додека Рома и Сасуоло ќе се борат за Конференциската лига.