ВИДЕО: Три црвени картони и ЕВРОГОЛ на Виериња, ПАОК го „реши“ АЕК и го одбрани Куп-трофејот!

Екипата на ПАОК не го дава трофејот од Купот на Грција, откако во вечерашното големо финале против лутиот ривал АЕК успеа да слави со сигурни 0-2 (0-0) и втора година по ред да ги израдува своите фанови со една Куп-титула. 

Очекувано, мечот мина во многу груба игра на двете страни, па шпанскиот судија Борбалан, кој изненадувачки беше делегиран да го води овој дуел, имаше многу работа, а на крај мораше двајца фудбалери предвреме да ги испрати во соблекувалната.

По стартното надмудрување и неколкуте полушанси, првото вистинско возбудување пристигна во 25. минута, кога Пријовиќ не успеа да реализира пенал и да донесе водство за ПАОК.

Сепак, подобрата игра на избраниците на Луческу вроди со плод на стартот на вториот дел. Искусниот португалски интернационалец Виериња изведе фантастичен слободен удар и на голманска страна успеа да го совлада Баркас и на ПАОК да му донесе заслужено водство од 0-1. 

Во продолжението фудбалерите на АЕК ја презедоа иницијативата, но не успеаја посериозно да го загрозат противничкиот гол, а крајот на мечот не го дочекаа Врањеш (АЕК) и Маурицио (ПАОК), кои добија црвени картони во 80. односно 81. минута. Во моментите кога се очекуваше мечот да заврши со минимална победа на ПАОК, Пелкас по вторпат ја затресе мрежата на АЕК за ерупција на „Олимпискиот стадион“ во Атина, каде се наоѓаа фановите на „црвено-белите“. Заради големото славје по вториот гол на ПАОК, црвен картон доби и Варела.