Три баражи по ред, трипати победник: Столевски е „талисман“ за своите екипи!

Голманот Антонио Столевски имаше блескава партија за Шкендија Арачиново во победата над Пелистер по пенали и историскиот пласман во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а со промоцијата дојде до интересна статистика.

Прилепчанецот кој има 23 години зад себе во последните три сезони има три баражи и на сите три беше победник со своите екипи. Низата започна во 2024 година, кога направи трансфер во Победа. Тогаш во баражот за ВМФЛ, екипата на Победа го победи амбициозниот Куманово со 2-1 и обезбеди опстанок.

Следната година, во баражот за влез во Втората лига, Столевски го чуваше голот на Слога Виница која беше шампион во Третата лига - Исток. Во мечот за второлигашки статус, Слога играше со Преспа Ресен и успеа да слави со 3-0. И на овој дуел тој беше меѓу стативите.

Третиот бараж е од оваа сезона, со Шкендија Арачиново. Дека беше еден од најдобрите голмани во ВМФЛ, Столевски покажа со партијата во која фати вкупно пет пенали. Еден беше во регуларниот дел на Мирко Ивановски, а потоа во пенал-серијата фати шутеви на Ангелески, Мрмачовски и Петковски. Исто така му одбрани и шут на Кире Ристевски, но ударот од белата точка беше повторен заради предвремено излегување од линијата.