• Иван Димовски
Стразбур го победи Мајнц 05 со убедливи 4-0 во реванш четвртфиналето од Конференциската лига на УЕФА. По последниот судиски свиреж дојде до инцидент, иако резултатот беше убедлив.
Фудбалерот на домашните Мартиал Годо провокативно славеше пред навивачите на германскиот тим, по што следеше жестока реакција. Играчите на Мајнц, предводени од Надием Амири и Филип Тиц, веднаш реагираа, ситуацијата ескалираше, а мораа да интервенираат и редарите. Амири по натпреварот доби црвен картон.
„Тоа не се прави. Мислам дека тоа се виде и по нашата реакција. Тоа не е во ред, тоа е чисто непочитување. Беа подобар тим и заслужено победија, но нивниот играч да трча преку целиот терен до нашите навивачи, да го закачи дресот на корнер-заставичката и да слави пред нашата трибина, за мене нема никаква врска со почитување. Затоа е разбирливо што како тим реагиравме. Секако, на фудбалот не му требаат вакви сцени, но преку тоа едноставно не можевме да поминеме“, изјави Паул Небел.
Вкупниот резултат на крај беше 4-2, бидејќи Мајнц домашниот меч го доби со 2-0, но беше декласиран во Франција.



