• Иван Димовски
Фудбалерите на Саарбрикен ќе играат полуфинале на ДФБ Купот, откако во четвртфиналето со гол во 93. минута го исфрлија бундеслигашот Борусија Менхенгладбах (2-1). Приказната за овој мал клуб кој се натпреварува во третата германска лига одново е актуелна, откако и пред четири години играше во истата оваа фаза на Купот.
- Извештај од натпреварот:
Патот на Саарбрикен оваа година тргна преку Карлсруе кој го победија во првата рунда со 2-1. Потоа следеше најголемата сензација, триумф над Баерн Минхен со гол во 96. минута (2-1), а и во осминафиналето Саарбрикен елиминира гигант славејќи со 2-0 над Ајнтрахт Франкфурт.
Последен во низата е и Борусија од Менхенгладбах која падна на гостувањето на „Лудвигспарк“. Гостинот успа да поведе преку Хак по само осум минути игра, меѓутоа три подоцна Наифи донесе израмнување. Овој резултат (1-1) беше актуелен до самиот крај на средбата. Тогаш на сцена стапи Каи Брункер кој во третата минута од судиското продолжение ја донесе победата за Саарбрикен.
Во полуфиналето третолигашот има на што да се надева, бидејќи за ривал го доби Кајзерслаутерн од Цвајте. Во вториот полуфинален пар играат Баер Леверкузен и Фортуна Дизелдорф.