Третолигашите најавија прекин заради новите мерки, следат и второлигашите!?

Владата донесе нови мерки како заштита од ширење на коронавирусот и на сите спортски колективи во Македонија им наложи да се тестираат 72 часа пред натпревар, па веќе почнаа првите „бунтови“ на оваа одлука.

>>> Нови мерки во мак-спортот: Задолжителни тестови пред меч, изолација само на „позитивните“!

Имено, фудбалските третолигаши од лигите Запад и Југозапад најавиле дека нема да играат натпревари доколку на сила стапат најавуваните мерки. Од она што се говори низ фудбалските кулоари, на ист потег се подготвуваат и второлигашите.

Фудбалските колективи кои не играат во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) немаат никакви финансиски приходи, па со самото тоа доаѓа и нивната реакција за можен прекин на настапите во првенствата. Ковид-кризата ги погоди сите спортски колективи, па тешко дека нисколигашите ќе имаат средства да прават задолжителни тестови пред секое коло.

Третите лиги тукушто стартуваа и одиграни се по неколку кола, додека во ВМФЛ - Исток и Запад се имаат одиграно по девет кола. Се чека соопштение на надлежните, или допис од страна на клубовите, за оваа информација да биде и официјално потврдена.