• Саше Љолес
РБ Лајпциг славеше со 1-2 (0-1) на гостувањето кај екипата на Хајденхајм во 30. коло од германската Бундеслига и го оствари третиот триумф во низа, кој уште повеќе го доближува тимот на Марко Розе до пласман во Лигата на шампионите.
Бенџамин Шешко и Лоис Опенда постигнаа по еден гол во двете полувремиња за Лајпциг, а Никола Доведан беше стрелец на почесниот погодок за домаќините.
Нашиот Ељиф Елмас повторно доби шанса при крајот на мечот и втрча на теренот во 79. минута. „Биковите“ сега имаат 59 бода, три повеќе од Борусија Дортмунд, но „милионерите“ имаат и натпревар помалку.
На останатите натпревари во истиот термин, Дармштадт извојува гостинска победа со 0-2 кај Келн, Хофенхајм ја надигра Борусија Менхенгладбах во меч со седум гола (4-3), додека Волфсбург славеше со минимални 1-0 над екипата на Бохум.