Трет пораз за Интер во осум дена: Хитот на Раниери најави луда трка за скудетото (ВИДЕО)

Фудбалерите на Рома му нанесоа сериозен удар на Интер во натпреварот од 34. коло на Серија А, победувајќи на „Џузепе Меаца“ со 0-1 (0-1). „Нераѕурите“ врзаа три порази во низа во изминатите седум дена, откако загубија во првенството од Болоња и од Милан во Купот, а овој резултат дополнително ќе ја подгрее трката за титулата и му оди од рака на Наполи

  • Интер - Рома 0-1:

Средбата тргна со поништен гол на Давиде Фратези во шестата минута поради недозволена позиција. Резултатот беше отворен во 22. минута кога Матијас Суле излета пред голот на домашните и го матира Зомер за 0-1. Набргу потоа Рома имаше уште една закана преку Брајан Кристанте, додека се закани и Елдор Шомуродов. Интер се обидуваше да излезе од грч, ама до полувреме немаше резултатски промени. 

И во вториот дел се играше слично, Рома беше сигурна во дефанзива и не ризикуваше премногу, а своите шанси главни ги чекаше по прекини. Интер кружеше околу гостинскиот бедем, се обидуваше да пронајде начин да го загрози ривалот, ама не му одеше. На крајот Рома успеа да го одбрани стекнатото водство и впиша важни бодови останувајќи непоразена пролетва. И по ова коло Интер остана на 71 бод, Наполи има шанса да се одлепи на табелата, а Рома со 60 бода барем привремено ќе биде петтопласирана. 

Во трката за Европа победа забележа и екипата на Фиорентина против аутсајдерот Емполи (2-1). Поведе домаќинот на „Артемио Франки“ со погодоците на Јасин Адли и Роланд Мандрагора уште до 25. минута. Емполи во продолжението имаше поништен гол, а потоа Фацини ги врати гостите во игра. Сепак, немаше аутсајдерот сили за изненадување.