Тренерска смена во Леванте, Италијанец е нов предводник на Барди

Фудбалскиот клуб Леванте се реши за тренерска смена, па така македонскиот репрезентативец Енис Барди ќе добие нов предводник. Отказ од клупата доби Хави Переира, па негов наследник ќе биде Алесио Лиши. 

36-годишниот италијански стручњак ќе биде привремено решение на клупата, но ќе добие шанса да се докаже. Лиши веќе работеше во младинските категории на клубот, како и во резервниот тим, па е добро познат на управата на Леванте. 

Италијанецот веќе го поведе тимот во кој настапува Енис Барди и ќе се обиде да донесе нова енергија, па така Леванте да се обиде да избори опстанок во шпанската Примера. Клубот има катастрофални резултати оваа сезона, по петнаесет натпревари е без победа и има седум ремија и осум порази. За среќа, ниту ривалите не се драстично подобри, па Леванте и Барди во моментов се на пет бода од првата безбедна позиција на табелата. 

Лиши ќе го има своето деби на клупата на Леванте в недела, во натпреварот против Осасуна.