• Иван Димовски
Столе Димитриевски би можел да остане без долгоочекуваната шанса да биде прв голман на Валенсија, откако новиот тренер Карлос Корберан побарал засилување на таа позиција.
Македонскиот репрезентативец имаше усмен договор со претходниот стратег Рубен Бараха и раководството на клубот, според кој од ова лето требаше да го преземе местото меѓу стативите по заминувањето на Мамардашвили во Ливерпул. Но, отказот на Бараха и доаѓањето на Корберан го менуваат планот. Шпанецот побарал нов, врвен голман како замена за Грузијецот, откриваат медиумите од Пиринеите.
Главна желба на новиот кормилар на „лилјаците“ е Хулен Агирезабала од Атлетик Билбао, кој минатата сезона настапи на 29 меча за баскискиот тим, a сега е близу до трансфер на „Местаља“.
Овој развој на настаните сериозно ја доведува во прашање иднината на Димитриевски во Валенсија. Тој остана верен на клубот во јануари, иако имаше неколку конкретни понуди, но сега е се поизвесно дека ќе побара нова средина каде ќе добие сигурен првотимски статус.