Тренерот на Саутемптон се спаси од суспензија по аферата за шпионирање

Тренерот на Саутемптон, Тонда Екерт, нема да мора да паузира и покрај казната за вмешаност во аферата „Спајгејт“. Фудбалската асоцијација на Англија му изрече шестнеделна суспензија, но нејзиното активирање е условно и засега ќе остане на клупата.

Казната ќе стапи на сила само доколку Екерт до крајот на следната сезона повторно биде вмешан во случај поврзан со шпионирање на противнички тимови. Покрај суспензијата, германскиот тренер мора да плати и 28.000 фунти, а доби и официјална опомена.

Случајот се однесува на случувањата од минатата сезона, кога Саутемптон призна дека негови членови на стручниот штаб ги следеле тренинзите на Оксфорд Јунајтед, Ипсвич и Мидлсброу пред полуфиналните натпревари од плејофот за пласман во Премиер лигата.

Поради скандалот Саутемптон беше исфрлен од плејофот, а клубот дополнително беше санкциониран со одземање четири бода во актуелната сезона. Независната комисија на ЕФЛ утврдила дека шпионирањето било одобрено од Екерт и дека станувало збор за организирана акција која доаѓала од раководната структура на клубот.

Во случајот биле вклучени и помлади членови на стручниот штаб. Во извештајот се наведува дека еден од аналитичарите бил ставен под голем притисок да ги следи тренинзите на противниците.

Екерт во јуни јавно се извини и призна дека имало шпионирање, но тврдеше дека не бил свесен оти со тоа се прекршуваат правилата. ФА сепак покрена постапка против него за три прекршоци на дисциплинските правила.