• Саше Љолес
Навивачката група на ФК Сараево, „Хорде зла“, изнесе сериозни обвинувања за управата и стручниот штаб и најави дека нема намера да го слави „однапред договорениот трофеј во Купот на Босна и Херцеговина.
На овие обвинувања се огласи тренерот Зоран Зекиќ, кој рече дека навивачите извршиле удар врз неговото достоинство и ги отфрли сите наводи за евентуална „местенка“ на било кој натпревар.
„Сакам јасно да ставам до знаење дека имам потполна независност во мојата работа. Не би дозволил никогаш некој да се меша во моите обврски и планови. На некои мечеви можевме да оствариме подобри резултати, одговорноста е само моја.
Шокиран сум од инсинуациите кои се појавија деновиве. Тоа е удар за моето достоинство и удар за клубот Сараево. Ги повикувам сите искрени навивачи да ни дадат поддршка и заеднички да исчекориме кон трофејот кој потполно го заслуживме“, изјави Зекиќ.
Сараево со едната рака веќе го држи трофејот во Купот, затоа што славеше со убедливи 4-0 во првиот натпревар против Широки Бријег. Реваншот ќе се одигра на 14 мај.