• Мартин Танасковски
Тренерот на Ренџерс, Дерек Мекинес, не го криеше задоволството по драматичната победа на својот тим, а посебни пофалби упати кон македонскиот напаѓач Бојан Миовски, кој го постигна победничкиот гол во самиот финиш од натпреварот.
Македонскиот репрезентативец ја започна сезоната како петта опција во нападот на гигантот од Глазгов, но повредите на Јусеф Шермити и Лоренс Шенкленд повторно му отворија простор во тимот. Мекинес истакна дека Миовски со својата работа и однос кон обврските покажал зошто заслужува шанса.
„Тоа е доказ за неговиот карактер и професионализам. Секогаш тренира со максимална мотивација и никогаш не се жали“, изјави Мекинес.
Шкотскиот стратег потсети дека клубот вложил значителни средства во другите напаѓачи, а со доаѓањето на Шенкленд конкуренцијата дополнително се зголемила.
„Веројатно се прашувал каде ќе се вклопи во сето тоа, но неговата статистика по минутажа, и во Абердин и во Ренџерс, е навистина врвна. Пресреќен сум што играч со таков квалитет и голгетерски инстинкт е дел од нашиот тим.“, додаде.
Мекинес додаде дека Миовски е исклучително ценет во соблекувалната и меѓу стручниот штаб.
„Многу ми е драго за него. Го сакаат и играчите и луѓето во клубот, а сигурен сум дека ако продолжи да постигнува вакви победнички голови во последните минути, ќе стане миленик и на навивачите.“
Миовски во последниот период беше поврзуван со можно заминување од Ренџерс, но неговите настапи и голови би можеле значително да ја променат неговата улога во тимот и да му донесат многу поголема минутажа во продолжението од сезоната.





