• Саше Љолес
Тренерот на шкотскиот Хибернијан, Дејвид Греј, ги прокоментира очекувањата од двомечот со Шкендија во Конференциската лига на УЕФА, истакнувајќи дека домашниот терен може да биде многу значаен во дуелите со македонскиот претставник.
Шкендија во шкотските медиуми е најавена како екипа која лани стигна до нокаут-фазата во ова натпреварување, но Греј смета дека неговиот тим има капацитет за пласман во следната рунда.
„Потребни ни се нашите навивачи. Сите сакаме да ја продолжиме европската авантура, но мисијата нема да биде лесна. Домашниот терен треба да претставува добра основа за создавање предност, иако знаеме дека ќе мора жестоко да се бориме.
Знаеме дека Шкендија е многу добар тим, за нас ова ќе биде тежок испит. Нема да мислиме толку на одбраната, колку на создавање шанси за повеќе голови. Сакаме да бидеме пред топката, да ја држиме во наш посед и да бидеме тимот што ќе го контролира темпото.
Во игра се повеќе сценарија, но ќе бидеме подготвени. Имавме четири дена за одмор и тоа може да ни биде од корист. Сите со нетрпение го очекуваат мечот, се надевам дека на крајот ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи“, рече Греј.
Првиот натпревар помеѓу Хибернијан и Шкендија ќе се одигра на шести август, а реваншот во Скопје е закажан за една недела подоцна.

