Тренерот на Фенер за Елмас: Тој е суперталент, но треба најмалку година за да се развие!

На стандардната прес-конференција пред Вардар, стратегот на Фенербахче, Ајкут Кочаман даде коментар и за македонскиот фудбалски репрезентативец Ељиф Елмас кој го засили турскиот гигант во летниот преоден рок.

Кочаман вели дека Елмас несомнено е голем талент, но сепак, дека треба време за тој да се развие во вистински правец. Дополнително, тренерот додаде и дека не смее да се прави притисок врз него и останатите млади играчи, туку да се остават најмалку една година да работат и да се развиваат, за да тргнат по прав пат.

„Самата карактеристика на трансферот односно на еден многу млад играч во Фенербахче, што не е многу карактеристично за нашиот клуб, дава до значење колку е значаен Ељиф Елмас за нас. Станува збор за талентиран играч кој се надевам дека ќе го добие соодветниот простор за да се развива во Фенербахче и да биде успешна приказна за двете страни. Станува за млад играч кој е многу талентиран, има простор за развивање, но ќе биде потребно година и пол до две за развој. Би било лошо да очекуваме многу од нив, затоа што тоа ќе се рефлектира со голем притисок. Ние сме задолжени да ја создаваме потребната атмосфера, за тие да се развиваат“, изјави Кочаман.

Ељиф Елмас има 17 години, а својот прв официјален настап за Фенербахче го имаше на пријателски меч против Каљари, на кој го одигра второто полувреме и доби овации за прикажаната игра.