Тренерот на Абердин: Дајте му на Миовски да биде „деветка“ во Македонија!

Тренерот на Абердин, Џим Гудвин, говореше за македонскиот фудбалер Бојан Миовски кој тукушто направи трансфер во Шкотска, почна да ги импресионира фановите со два гола уште на дебито во Премиер лигата.

Гудвин верува дека Миовски чекори по вистинскиот пат да стане ѕвезда во шкотскиот шампионат, но на фудбалерот нема да му се наметнува или да му се прави притисок уште од почетокот.

„Му немам дадено посебна бројка за голови на Миовски, сакам да продолжи со истиот начин на игра, да влегува во вистинските зони и да пробува да погоди што е можно повеќе. Имаше доста шанси на првиот меч, искористи две од нив. Мислам дека ако искористи 50% од шансите кои му се сервират, ќе даде доста голови. Се надевам дека тој ќе биде следната „деветка“ на Македонија, затоа што тој е тоа овде и го сака тоа. Миовски сака да биде лидер на националниот тим, а не само дел од него, па ако го сака и прави истото за Абердин, сигурно е дека ќе си даде шанса да биде таков и во репрезентацијата. Вложивме добра сума на пари во Бојан, верувам дека луѓето сега гледаат зошто го направивме тоа“, изјави Гудвин.

Абердин за потписот на Миовски плати повеќе од 500.000 фунти. Следниот натпревар на шкотскиот тим е против Мадервел.