• Иван Димовски
Дека во фудбалот сè е можно и никогаш не треба да се откажувате од соништата постојат многу докази и приказни. Една таква приказна моментално се пишува во Шведска, каде што на шест кола пред крајот на шампионатот сензационален лидер е тимот на Мјалби, кој има осум бода предност пред Ѓургарден.
Станува збор за клуб без ниту еден освоен трофеј во историјата, кој потекнува од мало рибарско место со само 800 жители. За ситуацијата да биде уште поинтересна, тренерот е директор во локалното училиште, а главниот скаут по професија поштар.Тежина на ситуацијата ѝ дава фактот дека пред неполна деценија Мјалби беше на чекор од испаѓање во четвртата лига, а денеска е на прагот на најголемиот успех во шведскиот фудбал.
„Ако стигнеме до титулата, тоа ќе биде незаменливо со било што друго. Со ресурсите и условите што ги имаме, да бидеме пред сите е навистина неверојатно“, изјави претседателот Магнус Емеус.
Поголемиот дел од фудбалерите се домашни момци, буџетот е осум пати помал од оној на Малме, а стадионот со 6.000 места сезонава редовно е исполнет. Исто така интересно е дека во клубот меѓу стативите имаат „свој Петр Чех“, бидејќи првиот голман Ноел Торнквист брани со заштитен штитник на главата.
„Никој не може да ни го одземе ова. Ние имаме тимски дух подобар од Реал Мадрид и се подготвуваме за натпреварите подобро од Манчестер Jунајтед“, порача со насмевка тренерот Андерс Торстенсон.
Мјалби има рекордни 57 бода по 24 кола и му требаат уште 11 за да го урне апсолутниот рекорд во шведската лига. Сепак, сите во клубот ќе се сложат дека најважното е приказната да има среќен крај во трката за титулата.

