Тренерите веруваат во Несторовски: Може да стане како Дибала и Кавани!

Илија Несторовски Палермо

Македонскиот фудбалер Илија Несторовски игра во одлична форма и со тоа го привлекува вниманието кон себе. Во изминатиот период многу поранешни фудбалери и тренери дадоа коментар за неговите партии во репрезнетацијата и Серија А, а последен кој застана во редот е Ламберто Заули, сегашен тренер кој во минатото четири години го има носено дресот на Палермо.

Заули, кој има 45 години и моментално работи во Терамо, вели дека Несторовски има убиствен инстикт и дека иако Серија А е тешка лига за напаѓачите, тој одлично се снаоѓа.

„Серија А е тешка лига за играње, посебно за напаѓачите, но Несторовски одлично се снаоѓа. Тој има убиствен инстикт и е врвен голгетер. Се надевам дека Несторовски ќе стане како Дибала и Кавани. Тоа би било добро за него како фудбалер, но и за Палермо како клуб затоа што луѓето уште еднаш ќе видат дека Зампарини знае да препознае фудбалски ѕверови. Мора тој да дава се од себе до крајот на сезоната, затоа што тој е единствениот фудбалер кој погодува сега за Палермо. За да опстане клубот, мора да опстане и добрата форма на Несторовски“, вели Заули.

Палермо моментално се наоѓа на 19 место во Серија А, а во наредното коло гостува кај Болоња.