Тренчовски: Прифаќам реми без примен гол, но зошто и да не изненадиме?

Македонскиот прволигаш Академија Пандев е подготвен за првиот европски предизвик во својата историја. Ривал на стартот од квалификациите за Лигата на Европа ќе биде босански Зрињски Мостар, а тренерот Југослав Тренчовски пред мечот истакна дека секој резултат без примен гол ќе биде задоволителен.

„Ова е наш деби-натпревар на европската сцена. Секако, сето тоа носи свои предности, но и свои недостатоци. Хендикеп може да биде неискуството, затоа што тимот е млад и само три играчи имаат играно евронатпревари - Стоилов, Илиев и Пандев. Но, од друга страна предност може да биде што овој тим има срце, карактер и мислам дека желбата ќе биде на наша страна. Ќе се обидеме да се претставиме што подобро. Зошто да не се обидеме и да го добиеме натпреварот ако ни се укаже шанса. Секој резултат со кој ќе останеме непоразени и без примен гол, ќе биде задоволителен. Фаворитската улога е кај Зрињски, но не секогаш фаворитот на хартија победува“, изјави Тренчовски.

Тренерот на македонскиот прволигаш потоа направи анализа на босанскиот прволигаш.

„Нашиот тим го краси тимската игра. Собираме информации и за противникот. Играат со формацијата 4-2-3-1. Доста се цврсти во одбраната, таму им е поголемото внимание. Статистички и во босанското првенство ретко прима голпови, но и не дава многу голови. Ќе мора да ја протнеме топката низ првите две линии, потоа да создадеме шанса и така можеме да дојдеме до гол. Опасноста доаѓа од Јаковлевиќ, како и Хаџиќ, кој игра како централен напаѓач и за него постои интерес надвор од БиХ. Не смее да ги заборавиме Говедарица, Шовшиќ“, смета предводникот на Академија Пандев.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Зрињски Мостар се игра од 19:00 часот в четврток. Ова ќе биде прв натпревар за струмичкиот прволигаш во Европа.