Тренчовски: Претрпевме големи промени, примарна цел е опстанок во ПМФЛ

Академија Пандев е во исчекување на својата втора сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Тимот кој беше есенски хит лани, но со кошмарната пролет дојде во битка за опстанок, пред стартот на новата сезона претрпе промени, а тренерот Југослав Тренчовски вели дека конкуренцијата во лигата оваа година е поголема во однос на лани.

„Пандевци“ отпуштија повеќе од 10 играчи од ланскиот ростер, а во замена донесоа млади играчи, како и четворица фудбалери кои ќе го зголемат квалитетот на тимот. Екипата која во минатите години се потпираше на свои играчи ќе работи по ист рецепт и оваа година, а примарна цел ќе биде опстанокот во Првата лига.

„Пред се, имаме големи промени во играчкиот кадар. Отпуштивме десетина играчи, а на сметка на тоа ги вративме нашите помлади фудбалери кои беа отстапени во други клубови низ Македонија. Се обидуваме да создадеме една конкурентна екипа, спој на младост и искуство. За очекувањата не може да се зборува премногу, чекаме да видиме како ќе тече сезоната. Примарна цел е опстанок во лигата, но ако се укаже шанса ќе се обидеме да влеземе во борба за погорните позиции на табелата“, вели Тренчовски за Gol.mk.

Прв противник за „пандевци“ оваа сезона ќе биде повратникот во елитата Македонија Ѓорче Петров, тим кој донесе многу нови фудбалери.

„Првите натпревари се секогаш тешки на психолошки план. Македонија ЃП има солиден тим кој сигурно ќе биде погоре на табелата ако го покаже својот максимум. Ние ќе дадеме се од себе, па подобриот нека победи. Ривалот има поискусен тим во кој се играчи како Боби Божиновски со големо искуство. Но, нема пред време да се предадеме“, заврши стратегот.

На натпреварот против „лавовите“ во тимот на Академија Пандев ќе има најмалку четири до пет фудбалери под 21 година. Нови имиња засега се Ацо Стојков, Стојан Стојчевски, Стефан Костов, Душан Чубраковиќ, а се чека на официјализација и на Филип Тимов. Дуелот меѓу Академија Пандев и Македонија ЃП се игра в недела, од 17:00 часот.