• Горан Упале

Од неочекуваното влегување во тренерските води, преку создавањето на Академија Пандев и фудбалските авантури низ светот, до предизвикот во Олимпија Љубљана. Југослав Тренчовски во отворен разговор за Gol.mk зборува за својот пат, работата со младите таленти, разликите меѓу македонскиот и европскиот фудбал, но и за проблемите што, според него, ја кочат афирмацијата на младите фудбалери во Македонија.
Југослав Тренчовски е еден од тренерите чија кариера не може да се раскаже само преку клубовите што ги водел и резултатите што ги остварил. Неговиот професионален пат е приказна за фудбалска визија, работа со млади, храброст да се прифаќаат нови предизвици и искуства од различни фудбалски култури.
Од Македонија, преку Кувајт, Саудиска Арабија, Бангладеш и Мароко, па сè до Словенија, Тренчовски имал можност да работи во средини со различни очекувања, услови и пристапи кон фудбалот. Посебно место во неговата кариера зазема Академија Пандев, проект во кој помина речиси 11 години и кој од идеја за развој на млади фудбалери прерасна во клуб што освои Куп на Македонија и стигна до европската сцена.
Почетокот на тренерскиот пат на Тренчовски бил прилично неочекуван. По завршувањето на студиите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, сè уште бил активен фудбалер на Кожуф од Гевгелија, кога добил понуда што го однела во нова средина.
„Мојата тренерска кариера започнува на многу интересен начин. Бев играч на Кожуф од Гевгелија, а тогаш само што ги завршив студиите. Тоа лето ми се јавија од Победа Валандово и ме побараа да направам трансфер во нивниот клуб, кој штотуку влезе во Втората македонска лига. И покрај тоа што ми беше убаво во Гевгелија, се решив за нов предизвик. Таму добив и работа како наставник по физичко образование, но по само седум-осум кола од сезоната клубот се растури и јас заминав во Хоризонт Турново. Таму тренер беше Блаже Митев, кој го почитував многу. Но, по еден пораз, доаѓа претседателот на клубот во соблекувалната и ми вели „Од утре Југо ти си тренер на екипата, а Блаже ќе ти биде асистент“. Имавме успешна сезона, стигнавме и до полуфинале од Купот на Македонија“, започна Тренчовски
По Хоризонт Турново, Тренчовски седна на клупата на Беласица, а добил можност да работи и како селектор на македонската репрезентација до 19 години. Но, една од најважните страници во неговата кариера започнала во 2010 година, кога заедно со Горан Пандев ја препознале потребата од поинаков пристап кон развојот на младите фудбалери во Струмица.
„Потоа сè се одвиваше многу брзо. Го презедов кормилото на Беласица, а во еден период паралелно бев и селектор на Македонија У19. Во 2010 година заедно со Горан Пандев увидовме дека нешто не чини во Струмица, дека Беласица не работи како порано со школата и одлучивме да отвориме Академија. Направивме проект и така започна приказната со Академија Пандев, каде се задржав скоро единаесет години и имав повеќе функции.
Почетната идеја ни беше на развој на млади фудбалери, посветивме многу внимание на скаутингот и тренажниот процес. Носевме едукатори од Шпанија, само за нашата Академија и за тренерите кои што работеа под нашата капа, како во Штип, Охрид и други градови. Резултатите дојдоа многу брзо. Со пионерите двапати игравме финале во Купот, а го освоивме во третата година. Тогаш започна некое ривалство помеѓу нас Вардар и Шкендија. Бевме први кои што купивме сопствен автобус, направивме проект за тренинг центар, бевме први кои што набавивме GPS систем за мониторирање на играчите и уште многу други новитети кои ни помагаа за развојот на играчите“.
Подоцна, Академија Пандев добила задача да формира и сениорски тим, за младите категории да можат да се натпреваруваат во Суперлигата. Проектот постепено прераснал во сениорска екипа, а напредокот бил исклучително брз.
„После третата година, нè задолжија да направиме сениорска екипа, за младинските категории да можат да се натпреваруваме во Суперлигата. Тогаш доведовме неколку искусни играчи, поранешни репрезентативци кои беа на залез на кариерата, со цел да им помогнат на младите фудбалери. Почнавме без никакво притисок, но секогаш кога се забавуваш е најинтересно. За три години експресно стигнавме во ПМФЛ.
Во клубот имаше фамилијарна атмосфера, сите вработени бевме како еден, без разлика на која позиција си. Се разбира, имавме голема поддршка од Горан, како и од фамилија Пандев. И покрај тоа што бевме дебитанти во лигата имавме солидна сезона, а во Купот на Македонија стигнавме до полуфинале, и бевме елиминирани од Пелистер. Но, следната сезона беше историска – игравме финале во Купот, го победивме тимот на Македонија ЃП и се радуваме на првиот клупски трофеј. Во тој период станавме и интересни на трансфер-пазарот и почнавме да продаваме многу млади играчи. Тогаш немаше талентирано дете кое што не го знаев, ги следев сите фудбалери ширум Македонија“.
По освојувањето на трофејот и излезот во Европа, пристигнале и други понуди, но несогласувањата меѓу Академија Пандев и Фудбалската федерација на Македонија придонеле за неговата одлука да замине.
„По освојувањето на Купот и пласманот во Европа добив понуди од други клубови. Паралелно со тоа, почнаа и несогласувањата на релација Академија Пандев – ФФМ, па му соопштив на Пандев дека си заминувам. Моето прво интернационално искуство беше во Кувајт. Таму најпрво бев директор на академијата, потоа тренер на првиот тим, а на крајот повторно се вратив во академијата. И ден-денес сум во контакт со нив и често бараат совети од мене за одредени играчи и тренери. На пример, со Николов и Серафимов бевме многу блиску до реализација на некои работи.
Потоа работев во Саудиска Арабија, а по неа и во Бангладеш, каде што ги поминав најлошите осум месеци во животот, не само во тренерската кариера. Работев во многу организиран клуб, со спортски центар каков што нема никаде во Македонија. Клубот беше во сопственост на внук на долгогодишната премиерка на Бангладеш и таму имавме сè што ќе посакавме. Сепак, не се пронајдов во таа средина. Од една страна, гледате луѓе кои напорно работат за 150 долари месечно, а од друга, фудбалери кои заработуваат по десет и повеќе илјади евра.“
Неговото искуство од арапскиот фудбал го научило дека добрите услови и високите примања не значат автоматски дека тренерот ќе може да ја спроведе својата замисла на теренот.
„Во арапските земји е многу тешко да се спроведе систем на игра. Таму сите се платени убаво и не сакаат многу да им филозофираш и да им воведуваш новитети во играта. Се бараат брзи резултати, тоа им е најважно. На пример одигравме лошо еден натпревар, но извојувавме победа и доаѓаа луѓето од управата среќни насмеани и те фалат. Јас им викам дека одигравме катастрофално, но ним важен им е само конечниот резултат.
Се случило и да одиграме феноменално, но да не славиме победа – тогаш одма расположението се менува. Ќе се навратам на Бангладеш, таму нема фудбалска интелигенција. Ќе пробаш нешто ново ќе им биде интересно, но краткотрајно. Тогаш селектор на Бангладеш беше Шпанец и откако заврши сезоната и јас си заминав ми се јави и ми се заблагодари дека поради нашата работа во клубот тој доби двајца солидни репрезентативци“.
Потоа следуваше трансфер во Мароко, во тимот на Казабланка.
„Во Мароко имав многу убаво искуство. Толку талентирана фудбалска нација, да бидам искрен не очекував. Во Казабланка тогаш имаше многу талентирани фудбалери од кои неколку денес го носат дресот на Мароко. Беа толку многу фудбалски писмени, што едноставно ги остававме сами да носат одлуки. Во Мароко речиси и да нема терен каде што не играат деца, таму едноставно сите го сакаат фудбалот“.
По интернационалните предизвици, Тренчовски се вратил во Европа и ја прифатил понудата на Радомље, клуб што во многу нешта го потсетувал на Академија Пандев. Клучен мотив била можноста повторно да работи со млади фудбалери и да создава тим што ќе напредува и ќе произведува играчи за трансфер-пазарот.
„Следуваше враќање во Европа и преземање на Радомље, клуб кој и претходно беше заинтересиран за мојот ангажман. Радомље е клуб сличен на Академија Пандев, во кој се работи со млади фудбалери и кој функционира како развоен тим. Токму тоа ме привлече и ја прифатив понудата, иако платата ми беше можеби најниска во Првата словенечка лига.
Сепак, увидов дека во тимот има неколку суперталентирани фудбалери, па со раководството договоривме да добивам процент од секој трансфер на играч кој ќе работи со мене најмалку 60 дена. Уште на почетокот од мојот ангажман бевме вистинско изненадување. Одигравме 2-2 против Динамо Загреб, а потоа несреќно загубивме од Хајдук, па сите се прашуваа што се случува со тимот.
По само два месеца беше реализиран првиот трансфер, а потоа заминаа уште неколку фудбалери. И покрај тоа, продолживме да играме доминантен и модерен фудбал, за што добивав пофалби од многу спортски работници во Словенија.
Интересно е што во тој период, во традиционалната анкета на еден словенечки медиум, бев избран за тренерот за кого се очекуваше прв да добие отказ. Но, морам да признаам дека имав огромна поддршка од раководството на клубот и од спортскиот директор. Заедно направивме многу, младите фудбалери добија огромна самодоверба и играа навистина допадлив фудбал.
Во зимскиот преоден рок продадовме уште неколку играчи, но нивното заминување речиси и да не се почувствуваше во играта на тимот. Потоа следуваше јавно извинување од медиумот, кој организираше нова анкета, овојпат со прашањето кој тренер е најсигурен дека ќе остане на клупата до крајот на сезоната. На мое задоволство, јас го освоив првото место“.
Успешната работа во Радомље му отворила врата кон Олимпија Љубљана. Првичните контакти со клубот не резултирале со ангажман, бидејќи раководството се одлучило за Мишо Бречко. Но, по само две одиграни кола, Олимпија повторно го побарала Тренчовски. Тој ја прифатил понудата иако бил свесен дека преземањето тим среде сезона, кој претходно го водел друг тренер, носи сериозни ограничувања.
„Имав многу успешна сезона во Радомље, и од тренерски и од фудбалски аспект. Мојата филозофија и принципите на игра целосно функционираа. Додека бев таму, добив понуда да бидам помошник на Алберт Риера во Целје, откако тој замина во Ајнтрахт Франкфурт. Сепак, клубовите не успеаја да се договорат околу обештетувањето, па трансферот пропадна.
Летово добив финансиски подобра понуда од Радомље, но знаев дека од тимот ќе си заминат најмалку уште четворица фудбалери, со што практично ќе останев без целиот прв состав. Затоа не ја прифатив понудата. Во тој период го остварив и првиот контакт со раководството на Олимпија, но тие тогаш се одлучија за Мишо Бречко, кој во тој период беше во Струмица, каде што ја водеше селекцијата на Словенија до 19 години.
Бречко беше во комбинација и за тренерската позиција во Радомље, па ме прашуваше каква е ситуацијата во клубот и имавме коректен разговор. Веќе следниот ден беше назначен за тренер на Олимпија.
По само две одиграни кола, Олимпија му врачи отказ на Бречко и повторно ме контактираа. Ја прифатив понудата, иако знаев дека ме очекува многу потешка и поинаква задача. Доаѓав среде сезона, во тим кој го селектирал и го подготвувал друг тренер.
Уште на почетокот забележав дека со актуелниот играчки кадар нема да можам целосно да ја имплементирам мојата филозофија. Затоа, во некои сегменти јас се приспособував на играчите, а во други тие се приспособуваа на мене. Во тој период разговарав со директорот, кој ме праша зошто не играме како Радомље. Му објаснив дека таму работев со млади и евтини фудбалери кои сакаа да се докажат и да направат трансфер. Тоа беа играчи кои слушаа и беа подготвени да ги прифатат моите идеи, а не ѕвезди. Во Олимпија ситуацијата е многу поразлична“.
Очекувањата во Олимпија се високи, а целта е борба за врвот на табелата. За разлика од Радомље, каде што приоритет бил опстанокот и развојот на играчите, во Љубљана резултатскиот притисок е многу поголем.
„Не е лесно, притисокот е многу голем тука. Сакаат резултати, врв на табелата, можеби и не се реални во тоа, затоа што ние имаме квалитетни играчи, но немаме квалитетен тим. За тоа треба време. Среќен сум што Митровски полека влегува во ритам, затоа што тој е еден од најскапите засилувања во историјата на словенечкиот фудбал. Мислам дека беше платен 800.000 евра. Од него очекуваа одма 15 гола и продажба во Белгија за пет милиони евра. Но, тоа не оди така. Му требаше време на Димитар и јас навистина му сум благодарен, а се надевам и тој мене, што полека се враќа во вистинска форма. Тој веќе почна да прави разлика на терен и ни е многу важна алка во тимот“.
И покрај притисокот, Тренчовски не ја крие гордоста што работи во Љубљана, во клуб со голема традиција и амбиции.
„Мора да признам дека тука имам некој поголем притисок. Минатата сезона наша цел со Радомље беше опстанок, додека сега со Олимпија е борба за првото место, а стартував од дното. Не го чувствувам тој притисок со голема силина, затоа што помирен сум со фактот дека „за во брак треба да има љубов меѓу двајца“, додека тимот има резултати, таа љубов ќе постои, а кога ќе ги немаш – се знае што ме чека“.
На крајот од разговорот, Тренчовски се потсети и на една анегдота со Горан Пандев, кого го опишува како еден од своите најдобри другари и пријатели. Во периодот кога работеа заедно во Академија Пандев, легендарниот македонски фудбалер еднаш му рекол дека играчите што ги води можат да играат само кај него.
„Еднаш Пандев ми рече: ‘Овие играчи може само кај тебе да играат’. Но, не беше така, затоа што многу од тие играчи направија трансфери во странство“, раскажува Тренчовски.
Подоцна го прашал Пандев зошто му го кажал тоа, а одговорот бил во негов стил:
„Наоѓав начин како да те стимулирам за да извадиш уште повеќе од нив“, му одговорил Пандев.
За Тренчовски, тоа останува важен дел од неговиот тренерски пат. Но, по сите искуства во Македонија и странство, неговата главна порака е јасна: младите фудбалери не треба само да добијат шанса, туку мора да добијат и средина во која ќе можат да грешат, да учат, да напредуваат и на крајот да го покажат својот вистински потенцијал.



