• Саше Љолес

Екипата на Шкупи без поголеми проблеми ја оправда фаворитската улога и славеше над Македонија ЃП со сигурни 3-1 (1-0) во натпреварот од 27. коло во Првата македонска фудбалска лига. Херој на домаќините беше феноменалниот Кристијан Трапановски, кој постигна еден гол и подели две точни асистенции за своите соиграчи.
- Шкупи - Македонија ЃП 3-1:
Домашните фудбалери тргнаа со силно темпо во почетните моменти и тоа веднаш вроди со плод откако Кристијан Трапановски одлично продре по левата страна и му асистираше на Бразилецот Дуду, кој без проблем биеше прецизно уште во четвртата минута. Делуваше дека Шкупи е во полн налет, а гостите од Ѓорче Петров некако успеаја да се стабилизираат од почетниот шок.
Чаирчани продолжија да играат високо пред голот на ривалот, одлично се закани и Али Адем во 17. минута, но голманот Стевковски со одлична интервенција го сочува својот гол. Само пет минути подоцна, Македонија ЃП имаше добра шанса за израмнување, но арбитрите покажаа дека се работи за офсајд-ситуација. Во продолжение Шкупи се обиде да притисне и да стигне до втор погодок, но на паузата останаа минималните 1-0 во корист на домаќинот.
Сличен пристап чаирчани прикажаа и на стартот од вторите 45 минути. Шкупи одново успеа да ја затресе мрежата во почетните минути, а овој пат Трапановски одлично пласираше во десниот агол и го зголеми водството на 2-0 во 51. минута. Ова беше шести гол за него сезонава во Првата фудбалска лига.
Во моментите кога домашната публика помисли дека Шкупи сигурно чекори кон нов триумф, на сцена стапи Бојан Илиевски, кој во 62. минута постигна прекрасен погодок од над дваесет метри и го изненади малку подзаспаниот Иљази. Дефанзивецот можеби и сакаше да нафрли, но сепак успеа да постигне ефектен гол и намали на 2-1.
Ѓорчепетровци се обидоа потоа малку и да притиснат, повеќе се отворија на средината на теренот сакајќи да стигнат до евентуално израмнување, но домаќините совршено го искористија моментумот и успеаја да го заокружат важниот триумф во борбата за титулата. Повторно херој беше Кристијан Трапановски, кој ја запиша втората асистенција денеска, а реализатор на последниот погодок беше Дарко Илиевски во 83. минута.
Шкупи на крајот триумфираше со конечни 3-1 и за момент се израмнува со Струга на врвот на табелата (54 бода), но актуелниот шампион има натпревар помалку од чаирчани. За Македонија ЃП продолжува тешката битка за опстанок, а во следното коло „лавовите“ на домашен терен ќе ја пречекаат екипата на Воска Спорт.