• Иван Димовски
Македонските фудбалери одлично се снаоѓаат во Шкотска, а двајца сезонава ќе настапуваат заедно за Данди Јунајтед. Се работи за Кристијан Трапановски и Давид Бабунски, дуо кое веќе сериозно се наметна во својот клуб и расте кон тоа да биде водечко на својот тим.
Во разговор за тамошните медиуми, своите очекувања ги изнесе напаѓачот Трапановски. Тој зборуваше на повеќе теми, а се осврна и на репрезентацијата на Македонија, повикувајќи го селекторот Благоја Милевски будно да ги следи нивните настапи.
„Сметам дека Бабунски е перфектен фудбалер. Тој беше во Барселона десет години, тешко е да се објасни колку е важен во тимот. Има настапувано покрај неверојатни фудбалери. Мислам дека веќе доста се зближивме, па се надевам дека ќе имаме перфектни комбинации на теренот.
Првпат играм заедно со Давид, се надевам можеме да го делиме теренот и во националниот тим. Се надевам дека селекторот Милевски будно гледа што правиме заедно во Шкотска. Многу сум среќен што веќе дадов три гола, тоа е одлично за мојата самодоверба и веќе ми го олесни животот тука, се вклопив перфектно, а сакам формата да ја пренесам и во Премиер лигата. Едвај го чекам почетокот на првенството“, изјави Трапановски.
Трапановски и Бабунски одиграа перфектно во подготвителниот период, постигнувајќи голови и асистенции во пријателските мечеви и дуелите од Лига купот.