Трапановски пристигна во Данди, Македонија добива втор напаѓач во шкотската лига

Македонија во текот на денешниот ден ќе добие и официјално трет фудбалер во шкотската Премиер лига. По одличните настапи на Бојан Миовски, во шампионатот на оваа земја доаѓа уште еден напаѓач. Кристијан Трапановски пристигна во Данди и попладнево ќе стави потпис на договорот со Данди Јунајтед.

Кристијан Трапановски, чиј договор со Шкупи заврши на крајот од сезоната 2023/24 е избраниот на менаџерот на Данди Јунајтед, Џим Гудвин. 24-годишниот Трапановски надвор од нашите граници играше во Чешка и Словачка, а во ПМФЛ го носеше дресот на Академија Пандев и Шкупи. Во сезоната која штотуку заврши Трапановски одигра 23 натпревари и запиша шест гола и шест асистенции.

Данди Јунајтед еднаш беше шампион на Шкотска, двапати го освои Купот на Шкотска, а играше и финале на Купот на УЕФА во сезоната 1986/87.

Во минатото во Шкотска настапувале и Христов и Станиќ, а во моментов покрај Миовски таму игра и Давор Здравковски во Мадервел.