• Мартин Танасковски

Македонија на домашен терен ќе ја пречека Шкотска во Лигата на нациите, а како увертира на натпреварот, за магазинот на ФФМ говореше Кристијан Трапановски кој во изминатиот период беше дел од шкотското првенство.
Трапановски зад себе има вкупно 44 настапи за сите национални селекции на Македонија (17, 19, 21 година, А репрезентација). Изминатите две сезони ги мина во редовите на Данди Јунајтед во шкотската Премиер лига, највисокото фудбалско натпреварување во таа земја, каде што запиша 47 натпревари и постигна пет голови.
„Очекувам силен и квалитетен натпревар против сериозна репрезентација како Шкотска. Станува збор за тим со јасен систем, физичка цврстина и континуитет, но верувам дека и ние имаме доволно квалитет и карактер за да се носиме со таков противник. Очекувам дуел во кој двете селекции ќе бараат резултат и каде што ќе одлучуваат мали детали“, изјави Трапановски за е-магазинот на ФФМ.
Тој смета дека шансите се изедначени и дека Македонија може да биде рамноправна со секој противник кога игра дисциплинирано, компактно и со јасна идеја.
„Имаме играчи кои во транзиција и во офанзивните моменти можат да ја направат разликата. Клучно ќе биде да се игра со самодоверба и верба во сопствените можности. Кога сме храбри и фокусирани, знаеме да изгледаме многу моќно и да се надигруваме со секого“, додаде тој.
Инаку, Трапановски имаше операција на коленото на 1 април оваа година. Рехабилитацијата се одвива одлично, тој е многу блиску до целосно враќање на терените и работи со јасна цел да се врати уште посилен. Во моментов е слободен агент, а процесот на рехабилитација го спроведува токму во Шкотска, во професионална средина и во тесна соработка со Данди Јунајтед, клуб каде што стекна големо искуство и кон кој има огромна почит.







