Трапановски: Ќе бидам пресреќен ако го направам пола од она на Миовски!

Кристијан Трапановски оваа година замина од Првата македонска фудбалска лига во Шкотска каде го облече дресот на Данди Јунајтед. Во интервју за шкотските медиуми, откри дека голем удел во неговиот трансфер имал Бојан Миовски додека играл за Абердин, затоа што му дал добри совети.

„Бојан остави голема трага во Шкотска. Се надевам дека ќе успеам да направам половина од она кое тој го направи тука. Ако успеам во тоа, ќе признаам дека сум направил добра работа. Зборував со него пред да потпишам за Данди. Ми кажа многу работи за лигата, за атмосферата на мечевите, за тимовите. Неговиот совет беше дека нема подобро место за мене за да напреднам како играч“, изјави Трапановски.

Битолчанецот заради добрите игри во Шкотска доби повик и во националниот тим на Македонија.

„Во репрезентацијата го забележаа тоа и добив повик. Можеш да научиш многу работи таму. Имаме добри играчи со големи кариери и навистина е фантастично искуство за мене што имав шанса да бидам и да играм со нив. Едвај чекам тоа да се повтори“, заврши македонскиот фудбалер.

Трапановски во Данди Јунајтед пристигна од редовите на Шкупи, а претходно настапуваше и за Академија Пандев, како и чешките клубови Славија Прага Б и Викторија Жижков и словачките Татран Прешов и Подбрезова.