ВИДЕО: Трапановски даде ефектен гол во „македонското“ дерби во Шкотска!

Екипите на Ренџерс и Данди Јунајтед одиграа натпревар без победник (2-2) во рамките на осмото коло на шкотската Премиер лига. Овој дуел беше еден вид на „македонско“ дерби, бидејќи цел натпревар за домашните на „Ајброкс парк“ одигра Бојан Миовски, а резервист и прв стрелец беше Кристијан Трапановски за гостите. 

Резултатот го отвори Асгард во првиот дел со гол за 1-0 во 25. минута. Овој резултат беше активен до паузата, а потоа на сцена стапи Трапановски. Македонското крило стрела во истата минута кога влезе во игра, буквално од првиот допир со топката. Трапановски тргна од десната страна и повлече кон средината, па некаде од шеснаесетникот испрати прецизен удар во домашниот гол за 1-1 во 66. минута. 

Ова е прв сезонски гол за Кристијан Трапановски во новата сезона, откако се врати по повреда на зглобот и ова му е само втор настап. Претходно тој даде еден гол во подготовките против Зволе пред да се повреди.

Успеа Данди да направи и пресврт преку Сибалд, меѓутоа во завршницата Таверние донесе бод за Ренџерс.