Трансферот се наѕира: Јувентус ја чува „деветката“ за Икарди

Екипата на Јувентус објави список на фудбалери на кои ќе смета на подготовките за новата сезона, а заедно со имињата, клубот ги објави и броевите со кои тие ќе настапуваат, па тоа разбуди големо внимание на „чизмата“.

На списокот на играчи на Јувентус нема играч со број девет, затоа што Гонзало Игуаин реши да ја остави „деветката“ и да го земе дресот со број 21. Медиумите веднаш почнаа со шпекулации, а повторно се активира темата дека се крчка трансфер на Мауро Икарди.

Икарди не е повеќе во плановите на Интер, иако пред скоро време беше капитен и тимот не можеше да се замисли без него. Од Италија велат дека Јувентус е подготвен да преговара со „нераѕурите“ за трансфер на Икарди, а за него се чува и дресот со број девет.

Сумата која Интер ја бара за Икарди е нешто околу 50 до 60 милиони евра, додека фудбалерот има барање за плата од осум милиони евра по сезона. Покрај Јувентус, интерес за Икарди постои и од Наполи, но тешко е да се верува дека „наполитанците“ ќе можат да го доведат центарфорот ако Јувентус е цврсто решен да го реализира трансферот.