Трансферот на Гуџуфи во Турција е готов, позираше во дресот на Бешикташ

Младиот талент, Бесар Гуџуфи веќе се наоѓа во Турција и ќе парафира петгодишна соработка со шампионот на оваа земја, Бешикташ.

Во исчекување на официјализација на потписот, 16-годишникот веќе позираше во дресот на гигантот. Беласица одлично ќе го „наплати“ овој трансфер, бидејќи ќе заработи речиси половина милион евра, поточно 480.000 евра. Гуџуфи за единаесрт дена ќе наполни 17 години, па сумата која Бешикташ ќе ја исплати е навистина вртоглава, и не само за овој дел од Европа. 

Крилниот играч пристигна во Струмица претходнава зима од Вардар како бесплатно засилување, а Беласица по само шест месеци ќе заработи неверојатна сума на пари. Бидејќи струмичани експресно се вратија во Втората лига, со парите за Гуџуфи се очекува да направат респектабилен тим и веднаш да размислуваат за враќање во елитата. 

Новото засилување на Бешикташ ќе има шанса веројатно низ младинските тимови да се претстави во првиот тим. Интересот за Гуџуфи беше огромен, за него се распрашуваа и други турски екипи, а во комбинација беше и Динамо Загреб. Тој беше репрезентативец на Македонија во селекциите до 17 години, а многу веројатно ќе продолжи и понатаму да ги брани „црвено-жолтите“ бои.