ФОТО: Трансферот на Чурлинов предизвика „војна“ меѓу Погон и Видзев!

Трансфер-сагата околу Дарко Чурлинов доби нов пресврт, а полските медиуми денес открија дека македонскиот репрезентативец никогаш сериозно не размислувал да потпише за Видзев Лоѓ.

Иако претходно се тврдеше дека сопственикот на Погон Шчечин, Алекс Хадитаги, во последен момент го „украл“ Чурлинов пред потписот со Видзев, новите информации велат дека македонскиот фудбалер бил незадоволен од односот на клубот уште за време на преговорите.

Според полските извори, Чурлинов не бил задоволен од организацијата, начинот на кој бил третиран при лекарските прегледи, како и од целиот тек на разговорите со раководството на Видзев. Поради тоа, пропаѓањето на трансферот не било поврзано само со интересот на Погон.

Во меѓувреме, ситуацијата дополнително се вжешти по преписката меѓу Алекс Хадитаги и идниот директор на Видзев, Лукаш Масловски. Откако Масловски порача дека „ќе се види каде ќе бидат Видзев и Чурлинов за две години, а каде Погон“, Хадитаги возврати со ироничен коментар.

„Кога ќе поканите жена на вечера, тоа не значи дека е должна да се заљуби во вас“, напиша Хадитаги, алудирајќи дека Чурлинов немал никаква обврска да ја прифати понудата на Видзев.

Така, неуспешниот трансфер на македонскиот репрезентативец во Видзев Лоѓ останува една од главните теми во полскиот фудбал, а Чурлинов повторно ќе настапува во добропозната средина, но овој пат во дресот на Погон Шчечин. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.