Трансфер-бомба во Тетово: Агим Ибраими се врати во Шкендија

Екипата на Шкендија донесе големо засилување во зимскиот преоден рок, затоа што успеа да ги договори условите со Агим Ибраими, кој се враќа во Тетово како слободен фудбалер.

Ибраими беше првотимец, играше редовно во словенечкиот прволигаш Домжале, но двете страни го раскинаа договорот затоа што од клубот сакаат да заштедат на средства и воедно да им дадат шанса на помладите фудбалери во тимот.

Крилниот офанзивец имаше неколку понуди на маса, а по кратко размислување реши да го реализира долгонајавуваниот трансфер во Шкендија. Од клубот засега нема потврда на оваа вест, но се очекува истата да биде официјализирана во наредниот ден.

30-годишниот Ибраими важи за фудбалер со големо искуство, а покрај за Домжале и Шкендија, во кариерата настапуваше за Астана, Каљари, Марибор, Нафта, Ешкишехирспор, Олимпија Љубљана и Ред Бул Салцбург.

ФОТО: Бурим Ислами