Трајковски: Сите знаат што значи името Хајдук во хрватскиот фудбал

Македонскиот фудбалер Александар Трајковски најде нов клуб. По разделбата со Ал Фејха од Саудиска Арабија, се врати во европскиот фудбал каде потпиша договор со Хајдук Сплит. Крилото на македонската репрезентација истакна дека е задоволен од приемот меѓу „билите“ и се надева на успешни резултати.

„Преубаво е што дојдов во Хајдук, се мина најдобро и едвај чекам да му се приклучам на тимот. Ја познавам хрватската лига, играв тука пред 13 години и среќен сум што пак ќе играм во неа и тоа во голем клуб. Имам доста искуство, минав низ неколку силни лиги, имам многу настапи за репрезентацијата и се надевам дека ќе придонесам за остварување на целите на Хајдук. Го познавам добро овој клуб, имаме добра екипа, сите знаат што значи името Хајдук и навистина сум среќен што ќе бидам дел од оваа приказна“, изјави Трајковски.

Александар Трајковски кариерата ја започна во Цементарница 55, а потоа настапуваше за Интер Запрешиќ, Зулте Варегем, Палермо, Мајорка, Алборг и Ал-Фејха. За македонскиот национален тим има 77 настапи и 20 постигнати голови.